Коло без изненадувања во мак-кошарката – Плејоф против плејаут 3:0, Гостивар и ТФТ Скопје лесно прескокнаа стотка

Трите фаворити во првите натпревари од 14. коло во македонската Суперлига во кошарка вечерва забележаа сигурни победи на домашен терен.

ФМП Академија  е кандидат за настап во плејофот и го има најубедливиот триумф денеска, со 92:64 против Кожув, екипа која засега е во долниот дел на табелата и ако не се смени нешто драстично веројатно ќе игра во плејаутот.

Филип Бакоч со 19 поени ја предводеше ФМП Академија до очекувана победа, а кај гостите од Гевгелија и на мечот најефикасен беше Џејмс Каухерд со 22 поени.

Гостивар броеше до 106 поени против вториот тим на МЗТ Скопје и забележа убедлива победа од 106:85.

Кај домаќините се истакнаа Ефремовски со 26 поени, Тодоровиќ даде 20, а Ворку имаше 16 поени.

Кај младите кошаркари од екипата на МЗТ Скопје 2 прв стрелец беше Петровски со 25 поени, а добар меч одигра и Рансом со 21 поен.

Во најнеизвесниот меч вечерва ТФТ Скопје славеше против Куманово со 109:97.

Бекот Ландриус Хортон беше расположен за игра и постигна 26 поени за скопјани, кои сега стасаа во плејоф зоната со 7 победи и шест порази од 13 натпревари. Смит постигна 20 поени во многу важниот триумф на ТФТ Скопје.

Прв стрелец на Куманово беше Ненад Зивчевиќ со 24 поени. Кумановци се на десеттото место во конкуренција на 12 екипи во Суперлигата со биланс 4-10.

Мечот меѓу Ангели и Работнички е одложен, а од 19,30 часот почна дербито меѓу МЗТ Скопје и Еуро Никел.

 

- Оглас -

Најнови вести