Македонскиот кошаркарски првак покажува дека е решен да се врати во елитното јадранско друштво во АБА 1 лигата. Аеродромци сезонава играат одлично во регионалното друштво и има реални шанси да се бори за влез во првата лига. Токму затоа, управата на МЗТ Скопје Аеродром испрати официјална пријава за организација на завршниот турнир од АБА2.
На завршниот турнир ќе играат најдобрите осум екипи од ова натпреварување, а освен МЗТ Скопје Аеродорм, интерес досега пројавиле и два босански града, Сараево и Бања Лука.
Фајналејт-турнирот од АБА2 треба да се игра во април, кога екипите, засега според неофицијални информации, би играле според класичен куп-систем односно само по еден натпревар, наместо по два како што беше лани, по кои решаваше вкупниот кош-количник. Ваквиот принцип значи дека домашниот терен ќе биде уште поголема предност.
МЗТ Скопје Аеродром во моментов е второпласиран на табелата со скор 6-1, во пресрет на последните два турнири, кои ќе се одржат во Бања Лука и во Широки, каде што секоја екипа ќе одигра по три натпревари.