Зимските олимписки игри во Пекинг се во ек, а во скромната македонска експедиција е и Антонио Ристевски, нашиот најдобар скијач со децении. Токму Ристевски, заедно со неговиот пулен Дардан Дехари беа единствените двајца кои продефилираа со македонското знаме на церемонијата на отворањето на Игрите во Пекинг.
За жал, Дехари заработи повреда на еден од последните тренинзи и тој нема да биде дел од Игрите. Додека нашата експедиција е во Пекинг, Ристевски преку социјалните мрежи се огласи откривајќи дека има проблем.
Претседателот на Скијачката федерација на Македонија, Огњан Цигански, писмено побарал образложение зошто Ристевски не се појавува на работа за време на Олимписките игри, а одговорот на Антонио ви го пренесуваме во целост.
„Повод за ова мое емотивно обраќање од ЗОИ во Пекинг е големото лично разочарување што македонскиот спорт повторно губи од кусогледи епизодисти залутани во спортските федерации. Затоа, однапред ѝ се извинувам на јавноста што сум принуден ова да го сторам среде ЗОИ. Наместо ‘спортот на спортистите’, испадна ‘спортистите аут од спортот’. Јас како најдобриот македонски алпски скијач и олимпиец на сите времиња, со кариера повеќе од 20 години доживеав да се правдам поради тоа што сум тренер на најдобрите македонски алпски скијачи, кои оваа сезона покажаа одлични резултати заради кои заедно допатувавме во Пекинг. Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ, само г-дин Огњан Циговски не знае! Го пишувам ова јавно бидејќи сум огорчен. Цели 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие. Цел овој период и живеев со целиот тој стрес секој ден во ИНТЕРЕС НА МАКЕДОНСКИТЕ СКИЈАЧИ И МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ, пред сè поради олимписките квалификации и Олимписките игри во Пекинг 2022. Целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентациите во Скијачката федерација и најдобрите македонски алпски скијачи е јасна, сакаат да ме отстранат од спортот. Едноставно, мојот спортски габарит е преголем за нечија неспособност и малодушност. Ама и тоа не е проблем, јас на оваа позиција дојдов со искуство, резултат, способност и знаење, а не како некои кои сега се замислуваат дека се спортска власт и одлучуваат за спортските судбини. Јас имам каде да одам и што да правам во овој спорт, ама г-дине Циговски вие ќе останете сам во таа Федерација. Можеби тоа и е вашата цел. Како што сте тргнале, ќе бидете запомнети како гробари на македонското спортско скијање. ПА ДА ВИ КАЖАМ, ЈАС бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде што гордо и достоинствено ја претставуваме нашата Држава. Ние ќе бидеме светлата страна на историјата. Тоа не може да го избришете со мејлови, закани, препорачани писма, забрани за тренинг на ‘вашето Маврово’….можеби можете да ме избркате од работа, но спортската душа никогаш нема да ми ја одземете!!!