Црвениот картон кој го доби Кристијано Роналдо е моментот кој го одбележа првото коло во Лигата на шампионите. Португалецот во првиот меч како играч на Јувентус во елитната лига на УЕФА беше исклучен на гостувањето кај Валенсија.
Роналдо доби директен црвен картон поради контакт со противнички играч. По исклучувањето, Роналдо заплака. Многумина се чудеа зошто толку емотивно го прифати ова исклучување, а веќе се претпоставува дека тоа е поради казната која може да ја добие.
Според правилата на УЕФА, често пати играчот кој ќе добие директен црвен картон, може да добие суспензија од три меча сус. Ако се случи тоа, Роналдо ќе ги пропушти двата меча против неговиот поранешен клуб, Манчестер јунајтед. Според распоредот, Јувентус во второто коло игра дома против Јанг бојс, а во третото гостува кај Манчестер јунајтед. Против англискиот гигант, но во Торино, ќе играат во четвртото коло.
Ако Роналдо добие суспензија од три меча, нема да биде дел од двата дуели против тимот каде што се промовираше како голема ѕвезда.