Новитетот на УЕФА и правилото за гол на гости што е променето неодамна ќе се применува во осминафиналната фаза на Лигата на шампионите, што значи дека во случај на израмнет вкупен резултат, ќе се играат продолженија, па потоа би имало и пенали.
Вечерва од 21 часот со дербито меѓу ПСЖ и Реал Мадрид и мечот меѓу Спортинг и Манчестер сити ќе почне нокаут-фазата во луксузната европска лига, па ќе треба да се внимава и на изменетото правило на УЕФА.
До неодамна во двомечите во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа важеше правилото за повеќе гол(ови) постигнати на гости во случај на вкупен израмнет резултат, но сега тоа правило е променето.
УЕФА очекува измената да донесе повеќе возбудувања, а и објаснувањето е дека овој систем што важи сега е поправеден.
Правилото ќе се применува и во Лигата на Европа и во премиерното издание на Конференциската лига, која за првпат се игра во натпреварувањата што ги организира УЕФА.