Викендов во Македонија, како и во голем број европски држави се играат куп-натпреварите во кошарка.
Кај нас во купот „Благоја Георгиевски – Буштур“, МЗТ Скопје е актуелен бранител на титулата, а во четврт-финалето ќе се соочи со добро познатиот противник, во меч кој е закажан за 14:30 часот во Кале, каде што ќе се одиграат сите натпревари.
Капитенот на МЗТ, Дамјан Стојановски е свесен дека тој и неговите соиграчи ќе треба добро да се испотат за да го одбранат насловот.
„Ова е специфично натпреварување, каде што не секогаш победува фаворитот. Можеби и затоа е толку интересно. Гостивар е навистина квалитетен тим и мора да дадеме сè од себе доколку сакаме да победиме на оваа средба“, изјави Дамјан.
Четврт-финалната серија во Кале ја отвораат Пелистер и ТФТ точно напладне во салата „Кале“, по што следува веќе споменатата средба меѓу МЗТ и Гостивар.
Од 17 часот, силите ќе ги одмерат Работнички и Феникс, а од 19:30 последна средба од петочната програма е Еуро Никел 2005 и Навико Академија ФМП.