Бизарна е приказната за шампионскиот прстен на Инганд патриотс, односно на сопственикот на екипата од НФЛ, Роберт Крафт, кој тврди дека при една посета во 2005 година на Владимир Путин, рускиот претседател му го украл вредниот подарок за освоената титула.
Крафт имал средба со Путин пред 17 години, кога Патриотите ја победија Филаделфија во третото финале по ред и ја освоија третата титула.
„Во еден момент го извадив шампионскиот прстен од рака за да му го покажам на Путин. Тој си го стави в џеб и не ми го врати. Потоа дојдоа тројца негови луѓе од обезбедувањето, веројатно од КГБ и тој стана и си замина. Не ми го врати прстенот. Реагирав и до Белата куќа за да ми се врати прстенот, но оттаму ми порачаа да сторам сè да изгледа како да сум му го подарил прстенот на Путин за да не избие дипломатски скандал“, вели Крафт, кој сега има 80 години и има богатство од над 8 милијарди долари.
Од кабинтетот на Владимир Путин веднаш ги демантираа изјавите и тврдењето на Крафт дека прстенот му е украден.
„Се сеќавам дека имаше некави подароци и сувенири. Прстенот ми го подари сопственикот на Ингланд патриотс, Крафт. Не сум украл ништо, таман работа“, изјави Путин во тоа време.
Изработката и самиот прстен вредат околу 10 илјади евра, но пазарната вредност е непроценлива бидејќи го добиваат само играчите на шампионот, сопственикот на клубот и членовите на стручниот штаб на познатата НФЛ-екипа.