Словакот Марјан Вајда, кој 15 години му беше тренер на Новак Ѓоковиќ, откри дека уште лани било договорено да ја прекинат соработката, само се чекал вистински момент за објава на веста.
Вајда сега сака да одмори, а потоа најавува дека не исклучува да тренира друг тенисер. За Ѓоковиќ вели дека има силен тим со Горан Иванишевиќ како главен тренер, покрај тоа, како невакциниран нема да може да игра на сите турнири, па смета дека одлуката да се разделат е правилна.
Но, уште по завршувањето на Отвореното првенство на САД лани, кога Ѓоковиќ во финалето загуби од Медведев, „мирисало на крај“.
„Не бев за Новак да игра на Олимписките игри, но знаев дека има мотив да освои златен медал за Србија. Немавме доволно време за подготовка, се виде дека тој остана без сила во финалето на Отвореното првенство на САД. Олимпискиот турнир го исцрпи и ментално и физички. Неуспехот во Токио придонесе за поразот во Њујорк. Останувам најголем фан на Новак, ќе стискам палци за него“, изјави Вајда.