Македонскиот првак имаше серии од 10-0 и 7-0
Втора победа во вториот настап за Вардар во регионалната СЕХА-лига. Вечерва, во „Јане Сандански“ жртва на Вардарци беше нишки Железничар, кој беше надигран со 35-20.
Вардар им дозволи на гостите од Ниш во првите 20-тина минути да покажат што знаат, а потоа „црвено-црната“ машина влезе во ритам и на противникот му немаше спас.
Железничар водеше со 11-8 во 19-тата минута, а потоа Вардар ги затвори приодите кон својот гол и со серија од 6-0 го затвори првото полувреме. Тимот на тренерот Веселин Вујовиќ (екстренер на Вардар) 11 минути не даде гол, па затоа и треба да биде задоволен што на голем одмор замина со само три погодоци негатива (11-14). Вардар продолжи во ист ритам и во вториот дел, низата дојде до 10-0, за 18-11. Домашните се опуштија, Железничар дојде на 18-14, но во финишот повторно Вардар направи голема серија, па на крај славеше со плус 15.
За првпат сезонава се појавија Карачиќ и Борозан, на листата на повредени сега е само Стоилов. Кисељев, Поповски, Криштопанс, Мораеш, Чупиќ и Дибиров постигнаа по 4 гола.
Во третото коло, Вардар во недела гостува кај Татран Прешов. Утре од 17.15 часот вториот македонски претставник Металург гостува кај Мешков Брест.