Селекторот на Италија, Роберто Манчини, ќе го објави списокот на репрезентативци за дуелот со Македонија во понделник, а веќе е познато дека повик добил и еден играч на српскиот шампион Црвена ѕвезда.
Десниот бек Кристијано Пичини добил повик од Манчини и ќе биде на списокот со репрезентативци кај актуелниот европски првак за бараж-мечот со Македонија на 24 март во Палермо.
Останатите имиња ќе бидат познати во понеделник, а Аѕурите ќе се соберат на 21 март и ќе имаат само три дена за подготовки за полуфиналето на патот кон Мундијалот во Катар.
Иако побараа 30-тото коло во Серија А да биде откажано, а е на распоред од 18 до 20 март, челниците на Лигата не се согласија, што ќе биде дополнителен проблем за Манчини.
Мечот ќе се игра од 20.45 часот на „Ренцо Барбера“ во Палермо, а победникот од овој дуел ќе игра финален бараж на гости, на 29 март против Португалија или Турција, за настап на Светското првенство што ќе се игра во ноември и декември годинава во Катар.
Од денеска почна и продажбата на билети за овој меч, а цените се од 10 до 60 евра. Се очекува полн капацитет на стадионот „Ренцо Барбера“,кој има 37 илјади места.