Полските медиуми „грмат“ и пишуваат за „скандалозна идеја“ на ФИФА, а таа идеја е бараж-мечот за СП помеѓу Русија и Полска да се игра во јуни наместо во март. По суспензијата на Русија, Полјаците се надеваа дека директно ќе влезат во финалето на баражот, но тоа нема да се случи.
До 24 март нема уште многу време, а ФИФА треба да донесе одлука што ќе се прави со баражите. Спорен е и дуелот на Шкотска со Украина. Една од идеите е тој меч, како и Русија – Полска, да се играат во јуни, а не сега во март.
Полјаците први одбија да играат против Русија, ФИФА и УЕФА ги суспендираа руската репрезентација и клубовите, но Русите се жалеа на Спортскиот арбитражен суд во Лозана и од неговата одлука зависи што ќе се случи. Ако Русите го добијат спорот на САС, мечот со Полска ќе мора да се игра. Проблем е што одлуката веројатно нема да се донесе пред 24 март.
Ако овој бараж сепак се игра во јуни, тогаш во јуни ќе треба да се игра и другото полуфинале Шведска – Чешка. Тоа важи и за Велс – Австрија, бидејќи победникот треба да игра финале со Шкотска или Украина. Засега сигурно е само дека во март ќе се играат баражите од нашата група, Италија – Македонија и Португалија – Турција.