Пелистер, најдобриот тим во досегашниот дел од домашното кошаркарско првенство, победи на гости кај Куманово со 79:60, во меч од 17-тото коло.
Пелистер имаше 15 победи во низа, а потоа загуби на гости кај Феникс, но битолчани покажаа дека брзо го заборавиле тој неуспех и без многу проблеми се радуваа во Куманово.
Домаќините само едно полувреме даваа отпор. Куманово водеше со 17:12 по првите 10 минути, а во еден момент од втората четвртина стигна и до двоцифрено водство од 31:21. До крајот на првото полувреме, Пелистер направи серија од 12:0 и битолчани на полувреме стигнаа до предност од 33:31.
Фаворитот продолжи сигурно и во третата четвртина, па за кратко време Пелистер имаше двоцифрена предност, и тоа од 14 разлика (48:34). Ако се знае дека Пелистер губеше 31:21, а потоа стигна до предност од 48:34, тоа значи дека гостите направија серија од 27:3.
Од тој меч, па до крајот, Пелистер постојано имаше сигурна предност и на крајот стигна до 16-тата победа во 17 меча. За Куманово ова беше 13-ти пораз и само со четири победи е на десетото место на табелата.