Ливерпул беше сигурен на гостувањето кај Брајтон и победи со 2:0 во меч од 29. коло во Премиер лигата. Со овие три бода, тимот на Јирген Клоп се доближи само на три негатива во однос на лидерот Манчестер сити.
Луис Дијаз покажува дека е одлично засилување за Ливерпул и погоди во 19 минута за водство на гостите од 1:0. Дефанзивецот Жоел Матип кој беше прогласен за најдобар во Премиер лигата за февруари, беше асистент на првиот гол и потврди дека е во одлична форма.
Сите дилеми околу победникот беа решени во 61 минута. Беше досуден пенал за Ливерпул, а Мохамед Салах беше непогрешлив од белата точка и зголеми на 2:0. Токму овој погодок на Салах беше јубилеен 2.000-ти погодок за Ливерпул во историјата на Премиер лигата.
Само Манчестер јунајтед со 2.173 погодоци е пред Ливерпул во оваа категорија во Премиер лигата. Арсенал е блиску да биде третиот клуб со 2.000 погодоци во Премиер лигата. Топчиите досега имаат 1.997 голови, па доколку утре погодат три пати против Лестер, ќе се израмнат со Ливерпул.
Од овие 2.000 погодоци на Ливерпул, дури 271 се дело на тројца играчи кои се ѕвезди во последните неколку сезони. Салах има 115 погодоци, Садио Мане е на 86 гола, а Фирмино погодил 70 пати.