Хрватскиот првак Динамо Загреб беше на прагот да игра во Лигата на шампионите, но откако на свој терен прими два гола од Салцбург, мораше да се задоволи со настап во Лигата на Европа. Во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Динамо како прв противник го има турскиот гигант Фенербахче.
Иако се работи за европско натпреварување, според најавите, турскиот тим нема да биде премногу заинтересиран за победа вечерва. Се очекува тренерот на гостите, Филип Коку, да одмори дури четворица стандардни првотимци. Наместо на теренот, на клупата за резерви ќе се најдат десниот бек Шенер Узбајракли, стоперот Роман Нојштатер, офанзивниот играч за врска Андре Ају и напаѓачот Ислам Слимани.
Во стартниот тим на Фенербахче би требало да има место за македонскиот репрезентативец и голема надеж, Елиф Елмас. Токму Елмас се покажа дека како главен во прекинувањето на губитничката низа на тимот во домашното првенство. На средбата против Коњаспор, Елмас влезе како резерва и даде гол за победа од 1-0.
По гостувањето во Загреб, Фенер го очекува дербито во турското првенство против Бешикташ. За навивачите на Фенербахче многу е поважно градското дерби, а тоа добро го знае и Коку, па затоа вечерва ќе ги штеди силите на неговиот тим.
Во редовите на Динамо единствено е неизвесно дали ќе настапи капитенот Аријан Адеми. Македонскиот репрезентативец има повреда на ногата. Дуелот на „Максимир“ ќе започне во 21 часот.