Камбек на 43 години на човекот со легендарната изјава „тревата е за крави, не е за тенис“

Чилеанскиот матадор Марсело Риос најави камбек на тениските терени, иако му се ближи 43-тата година од животот. Човекот со многу контроверзни изјави и испади, но и со впечатливи успеси одлучи повторно да игра тенис.

За два дена Риос ќе наполни 43 години, а точно пред 20 години, изнервиран од поразот во првото коло на Вимблдон, ја даде легендарната изјава со која ги налути организаторите на најстариот Гренд слем турнир на светот.

„Во мојата земја тревата е само за крави, никако за играње тенис“, рече тогаш Чилеанецот по поразот од Франсиско Клавет во првото коло на Вимблдон.

Риос во тој момент беше прв на светската ранг-листа и дотогаш единствен пример на тенисер што е на врвот на светската ранг-листа без ниту еден освоен Гренд слем трофеј.

Но, имаше и успеси, особено на неговата омилена подлога, на земја. Стана првиот тенисер со три титули на турнирите на Мастерс што се играат на земја во иста сезона и само третиот играч што во иста година го крена пехарот во Индијан Велс и во Мајами.

Леворакиот тенисер најави дека ќе игра само на турнирите од категоријата Челенџер, а враќањето го најави за седми јануари во Колумбус, ако добие покана од организаторите.

Риос побара специјална покана за да игра на турнирот, а ќе биде атракција со полни 43 години ако успее да настапи и вели дека целта е да стане највозрасниот тенисер во историјата на оваа игра што освоил титула на популарните Челенџери. Моментно рекордер е Иво Карловиќ со пехар од Калгари на 39-годишна возраст.

- Оглас -

Најнови вести