Казим Ерсун Јанал чека да се разбуди духот на Фенербахче, клуб кој е најтрофеен во Турција, но му треба чудо да се врати на позициите на кои е навикнат.
Ниту вечерва Фенер не успеа да победи, иако беше подобар од Анталијаспор, а Јанал верува во чудо во продолжението на сезоната.
„Претпоследни сме и таков пласман е шокантен за клуб од рангот на Фенербахче. Мораме што поскоро да го разбудиме духот на Фенребахче и тоа мора да го разберат сите играчи. Знаеме каде припаѓаме, местото ни е на врвот на турскиот фудбал и очекувам во 2019 година да тргнеме силно напред“, изјави Јанал.
Тој и немаше многу време да ги поправи сите пропусти,што ги направи холандското дуо Коку и Ервин Куман пред него, но и нема да има многу време за да почне да испорачува резултати.
Фенербахче е претпоследен на табелата во Турција само со 16 бодови, а никогаш не испаднал од Суперлигата и најлошиот пласман во клупската историја му е десеттото место.
Шампионатот продолжува на 20-ти јануари, а Елиф Елмас, ако остане во клубот, и неговите соиграчи ќе гостуваат кај Бурсаспор.