Иако има само 18 години, почна да дава голови во сениорска конкуренција
Николај Коваленко, син на легендарниот Андреј Коваленко, уште на дебито како сениор покажа дека пред него е блескава хокеарска кариера. Николај, кој е роден во 1999 година, досега настапуваше за јуниорскиот тим, а на дебито за сениорите на Локомотив Јарославл даде гол и придонесе за триумфот од 5:0 над Новосибирск во КХЛ лигата.
Регионалната Континентална хокеарска лига почна пред неколку дена, тимовите и од Источната и од Западната конференција имаат играно еден до два меча, а тинејџерот Коваленко го постигна вториот гол за Локо во разбивањето на гостите од Сибир.
Николај, кој е роден во САД во времето кога татко му настапуваше во најсилната лига на светот, годинава беше драфтуван во НХЛ лигата од Колорадо авеланш и во иднина и тој ќе заигра со најдобрите.
Динамо Рига приреди изненадување со победата кај Металург Магнитогорск, а вчера лошо си поминаа и московските клубови ЦСКА и Динамо, кои беа надиграни од Екатеринбург, односно Авангард Омск. Денеска се играат шест нови меча од КХЛ лигата, во која има тимови и од Кина.