МЗТ го „прегази“ домаќинот Широки Брег во последниот АБА 2 турнир од регуларната сезона

Македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром со победа од 91:78 против Широки Брег тргна во последниот турнир од АБА 2 лигата во регуларната сезона.

Во турнирот којшто се одржува токму во Широки Брег, нашиот тим немаше мака за да ја запише планираната победа со цел што подобар пласман во разигрувањето.

Домаќинот даде отпор само во првата четвртина, којашто ја доби со 26:22, но потоа следуваше вистинскиот одговор од Металците, коишто на полувреме водеа со 44:38.

Најефикасен поединец на теренот беше Дамјан Стојановски со 17 уфрлени поени. Втор и трет на листата на стрелци во МЗТ беа Немања Милошевиќ со 14 и Војдан Стојановски со 12.

Ова беше првата од трите средби коишто се играат на турнирот во БиХ, а нашиот претставник до крајот на регуларниот тек од сезоната ќе треба да игра и против Борац Бања Лука во петок од 18 часот и во недела против Златибор Чајетина, во меч којшто е закажан за 15 часот.

Како што е добро познато, разигрувањето за влез во АБА 1 лигата ќе се одржи во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“ а тоа ќе започне на 30 април, додека финалната серија би била еден месец подоцна.

- Оглас -

Најнови вести