Шкупи си победува, ривалите „зарибаа“ и титулата веќе е на пат кон Чаир

Шкупи го победи Тиквеш со 1:0 во 25. коло во Првата македонска фудбалска лига, а во прилог му одеа и изненадувањата во Тетово, каде Шкендија не го победи Борец и сезанционалниот пораз на Академија Пандев со 1:2 против Скопје.

Марјан Радески беше стрелец на единствениот гол за Шкупи, а титулата веќе е на пат кон Чаир.

Шкупи има 61 бод по 25 кола, дури 13 повеќе од Шкендија и од Академија Пандев.

Тетовци денеска и официјално кренаа раце од одбрана на титулата по ремито дома без голови со Борец.

Уште полошо минаа Академците на Пандев, кои се поразени на свој терен од Скопје. Домаќините поведоа со голот на Маронг Усман во петтата минута, а гостите ги однесоа бодовите со пресврт и со два гола на Леонид Игнатов во второто полувреме.

Македонија Ѓорче Петров со победа од 2:0 против отпишаниот Пелистер се доближи на само два бода до Шкендија и Академија Пандев, а интересно беше во Штип.

Брегалница водеше со 2:0, но Ренова успеа да израмни на 2:2 и да освои еден бод.

Резултати: Шкупи – Тиквеш 1:0, Академија Пандев – Скопје 1:2, Шкендија – Борец 0:0, Брегалница – Ренова 2:2, Македонија Ѓ.П. – Пелистер 2:0. Вчера: Работнички – Струга 1:3.

Табела: Шкупи 61, Академија Пандев и Шкендија по 48, Македонија Ѓ.П. 46, Брегалница и Ренова по 37, Струга 33, Работнички 31, Скопје 25, Тиквеш 21, Борец 14, Пелистер 10.

- Оглас -

Најнови вести