Тренерот на најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, Игор Јакимовски, преку социјалните мрежи се обрати до Атлетската федерација и понуди со сопствено возило и на свој трошок да го одведе македонскиот атлетски тим на Балканското првенство во полумаратон кое ќе се одржи в сабота во Тирана.
Атлетската федерација на Македонија на два дена пред првенството уште нема одлучено со каков превоз ќе се патува, па Јакимовски даде предлог.
„Бидејќи не поминало преку лично барање, еве да пробам и јавно. Значи господа од Атлеската федерација на Македонија, ви се нудам како шофер за транспорт на репрезентацијата за балканското првенство во полумаратон кое треба да се одржи овој викенд во Тирана. Превозот ќе го реализирам со мое приватно возило и на мој комплетен трошок. Воедно, со моето присуство на лице место ќе придонесам со мој професионален удел повторно да бидете горди на остварен успех за својата Федерација и татковината Македонија.
Наместо уште да немате решение во 5 до 12 (токму сега додека пишувам), еве јас ви нудам екстра решение. Парите што планирате да ги дадете за рент-а-кар возило и ангажирање на шофер, дајте ги на:
Некој јуниор или младинец да купи спортска опрема.
Некој клуб кој нема средства на својата сметка.
Донирајте ги на некоја наша легенда која е во пензија и нема егзистенција.
Донирајте ги на семејството Стојанови кое го изгуби Горан.
Купете канцелариски материјал во Вашата еден век канцеларија од 5-6 квадрата.
Донирајте ги каде било…
Спортски поздрав од Игор МС“, порача Јакимовски.