Салах ќе биде казнет и нема да игра против Арсенал и Сити!?

Мохамед Салах е под истрага поради симулирање на дуелот меѓу Ливерпул и Њукасл. Мечот кој се одигра вчера на „Енфилд роуд“ заврши со победа на домаќините од 4-0, а Салах беше во центарот на вниманието, но не поради своите фудбалски мајстории, туку поради лошото глумење.

Во 47-мата минута, при водство на Ливерпул од 1-0, Салах влезе во противничкиот шеснаесетник и изнуди пенал. Според начинот на којшто покажа дека е фаулиран, многумина сметаат дека се работи за една лоша глума на која наседна главниот судија. Салах го изведе пеналот и погоди за 2-0, а до крајот на мечот домаќините постигнаа уште два погодоци за убедлив триумф. Спорната ситуација може да ја погледнете ТУКА.

Англиските медиуми сега шпекулираат дека по завршување на средбата, Салах бил пријавен на судиската комисија поради симулација за да добие пенал. Доколку се поведе истрага за овој случај, голгетерот на Ливерпул може да добие суспензија и од два меча, што би било многу лошо за лидерот на табелата.

Ливерпул на 29-ти декември игра дерби-дуел против Арсенал, а веќе на почетокот на новата година, односно на трети јануари противник ќе му биде Манчестер сити. Овие два меча може многу работи да решат околу трката за титулата во Премиер лигата, каде што Ливерпул уште нема триумфирано. Последен пат тимот од „Енфилд роуд“ беше шампион на Англија во 1990 година.

- Оглас -

Најнови вести