Дарушафака ја оствари само втората победа сезонава во Евролигата совладувајќи го Олимпијакос на домашен терен со конечни 79:75. Тимот од Истанбул ја прекина низата од 12 последователни порази во европскиот шампионат, додека избраниците на Дејвид Блат шести пат сезонава трпат пораз.
Одличниот почеток на средбата им обезбеди сигурна предност на домаќините. Првиот период го освоија со 24:12, а во еден момент имаа и +19 поени предност. Трикратниот европски првак со сите сили се обидуваше да се врати во игра резултатски, па во последните минути од решавачката четвртина го направија тоа. Сепак, Олимпијакос успеа да стигне само до минус 2, а домаќините го задржаа резултатот во своја корист на 14 секунди до крајот.
Даглас и Пејнерс ја предводеа Дарушафака со 17, односно 16 поени. Од таборот на Олимпијакос разочара цела прва петорка, додека најефикасен беше Стрелниекис со 15 поени.
Химки никако да фати победнички ритам, екипата од Москва на домашен терен го претрпе 10-тиот пораз сезонава. Басконија ги освои бодовите на тешкото гостување со конечни 85:77. Повредениот Алексеј Швед очигледно е голем недостаток во Химки.
Гостите од Шпанија како што го започнаа, така и го завршија мечот. Фуриозно ги освоија првата и последната четвртина, а на крајот го запишаа вкупно седмиот триумф во Евролигата.
Шилдс заврши со 15 поени, Воигтман постигна еден помалку за Басконија, додека во составот на поразените најмногу се истакна Мики со 19 поени.