Адеми асистираше, Ристовски влезе од клупа а Динамо Загреб ита кон нова титула во Хрватска

Аријан Адеми се запиша во листата на асистенти во лесната и убедлива победа на Динамо Загреб над Истра 1961 со 3:0 во меч од 31-то коло во најсилната хрватска фудбалска лига.

Нашиот репрезентативец му асистираше на Мислав Оршиќ во првата минута од судиското продолжение од првиот дел и тоа за 2:0, а истиот фудбалер во осмата минута го отвори резултатот.

Третиот гол беше дело на Махир Емрели во 50-та минута со што Динамо дојде до 66-от бод во првата лига на Хрватска. Стефан Ристовски влезе во игра на стартот од вториот дел, додека Адеми беше заменет во 72-та минута.

Со оваа победа Динамо на шест кола до крајот на шампионатот има пет бода повеќе од Осијек (61) како и девет од големиот ривал, Хајдук кој е на бројката од 56 но има и меч помалку.

- Оглас -

Најнови вести