Македонија од 19:00 часот ја пречекува Чешка во одлучувачкиот меч за пласман на Светското ракометно првенство. Вечерва во „Борис Трајковски“, без разлика на исходот (за кој се надеваме дека ќе биде во наша корист), ќе има излив на емоции.
Легендарниот Кире Лазаров и ништо помалку вредниот борец Филип Миркуловски ги играат последните репрезентативни минути во своите (пре)богати кариери. И двајцата со златни букви ќе бидат испишани во историјата на овој спорт во нашата држава.
Резултатот од 24:24 треба да нè држи под аларм, бидејќи Чешка е далеку од наивна репрезентација, а тоа се покажа и на минатата средба, каде што имавме и неколку големи водства, но на крај не успеавме да ги одржиме.
Сепак, во „Борис Трајковски“ кога ќе грмнат шест илјади навивачи, јасно е каков „пекол“ и се подготвува на Чешка.
Момци, одиграјте за Кире Лазаров и Филип Миркуловски и однесете ја Македонија на уште едно Светско првенство, овојпат во Шведска и Полска.