Кралски пресврт на Реал: Бензема ја „закопа“ и Севилја

Реал Мадрид со 3:2 ја победи Севилја во неверојатен меч во шпанското првенство. Севилја имаше водство од 2:0 на полувреме, а на крајот Кралскиот клуб се радуваше на триумф.

Иван Ракитиќ со гол од слободен удар ѝ донесе водство на Севилја, а Ламела зголеми на 2:0 само по 25 минути игра. Овој резултат беше по првото полувреме, но Реал уште еднаш го покажа шампионскиот менталитет во вториот дел.

Пресвртот го најави Родриго со гол во 50-тата минута, кога намали на 1:2. Начо израмни на 2:2 во 83-тата минута, а Карим Бензема се појави кога беше најпотребно за Реал. Францускиот голгетер даде гол во 92-рата минута за комплетирање на пресвртот и победа на Реал од 3:2.

Со оваа победа Реал стигна до 75 бодови од 32 меча, додека Севилја остана на 60 бодови. Барселона исто така има 60 бодови, но и два меча помалку, но дури и Каталонците да ги добијат тие две средби, Реал има капитална предност во пресрет на последните шест кола во Примера дивисион.

Дербито во Севилја го одбележаа и две чудни судиски одлуки. Во првото полувреме, при водство на Севилја од 2:0, арбитерот одлучи дека Каманвинга не направи фаул над Марсијал и со тоа играчот на Реал се спаси од исклучување.

Во второто полувреме, Винисиус Јуниор даде гол во 76-тата минута, но судијата овојпат го поништи поради играње со рака.

- Оглас -

Најнови вести