Големиот триумф над Чешка ја продолжи децениската низа учества на македонските ракометари на големите натпреварувања, а за разлика од претходните европски и светски првенства, на Мундијалот во јануари 2023 ќе ги нема Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов.
Големите борци кои со години ја радуваа македонската публика решија да ја завршат репрезентативната кариера, а и Кирил Лазаров најави дека на СП во Полска и Шведска најверојатно ќе биде само селектор.
Откако Столе и Жути потврдија дека веќе нема да играат за националниот тим, на „Фејсбук“ се огласи Дејан Манасков, кој поради повреда го пропушти баражот со Чешка и Европското првенство во Дебрецин во јануари годинава, но би требало да биде во полн капацитет на претстојното СП.
„Фала ви за сè мангупишта, ќе фалите“, беа зборовите со кои Манасков им се заблагодари на Стоилов и Миркуловски за придонесот кој го дадоа за македонскиот ракомет.