Легендарниот боксер и поранешен шампион во тешка категорија, Владимир Кличко, најави дека размислува за сензационално враќање во рингот. Кличко моментно е на военото поле во Украина, но се надева војната брзо да заврши и тој да се врати во рингот.
Владимир кариерата ја заврши во август 2017 година, а последниве два месеци е дел од украинската војска која застана во одбрана на државата по руските напади. Сепак, самиот Кличко вели дека војната не е единственото нешто на кое е фокусиран во моментов.
„Научив дека покрај тоа што е војна, не треба да се заборави на животот. Спортот е дел од мојот живот. Го гледав мечот на Тајсон Фјури и среќен сум што победи. Не сакам ништо да ветувам, но којзнае, ако бидам во добра форма и војната во Украина заврши побрзо, можеби и ќе се вратам во рингот. Сонувам да го срушам рекордот на Џорџ Форман. Тоа ми дава мотив секој ден да се занимавам со спортот. Секој има своја мотивација“, вели Кличко.
Владимир има 46 години, а тоа е возраста на која Форман успеа да стане најстариот боксер во историјата на боксот кој стигнал до светската титула.