Против Македонија е претплатен на асистенции – Лајпциг сака да го задржи, Тен Хаг го има во тефтерот со желби на Манчестер јунајтед

Конрад Лајмер ќе биде еден од најинтересните играчи во летниот преоден рок и за него има неколку понуди на адреса на Лајпциг за трансфер.

Австрискиот репрезентативец, кој како да е претплатен на асистенции против Македонија, е интересен за неколку силни клубови, меѓу кои е и гигантот Манчестер јунајтед.

Лајпциг му нуди продолжување на договорот што му истекува идната година, но засега не успева во намерата да го задржи 24-годишниот играч од средниот ред.

Лајмер се наоѓа во тефтерот со летни трансфер-желби на Ерик тен Хаг, новиот менаџер на Манчестер јунајтед, а има уште една понуда од клуб од Топ-5 лигите.

Интересно е што трипати играше за Австрија против Македонија и има две асистенции.

Во Скопје пред три години, кога загубивме со 1:4 во квалификациите за Европското првенство, Лајмер му асистираше на Лазаро за првиот гол.

Македонија потоа успеа да се избори за настап на историско ЕП преку Лигата на нациите и беше во група со Австрија.

Против нив го игравме првиот меч на големите натпреварувања во нашата историја, во Букурешт на 13. јуни лани, и повторно Лајмер беше асистент на гол, третиот што го постигна Арнаутовиќ за победа на Австријците од 3:1.

За Лајпциг, Конрад игра од 2017 година, а во редовите на бундеслигашот стигна по вообичаениот пат, од редовите на помалиот брат, Ред Бул Салцбург.

 

- Оглас -

Најнови вести