Новак Ѓоковиќ кој е во Мадрид каде го очекува стартот на Мастерсот кој се игра на земја и е подготовка за „Ролан Гарос“, изјави дека многу го боли тоа што неговиот некогашен тренер Борис Бекер, е во затвор.
Бекер е осуден на две ипол години за криење на имот и кредити вредни 2,5 милиони фунти, за да избегне плаќање на долгови, но може да излезе после отслужување на половина од казната (13 месеци). Информациите се дека легендата Бекер е во еден од најозлогласените и најнечисти затвори во Велика Британија.
„Веста ми го скрши срцето. Тој е мој долгогодишен пријател, три-четири години ми беше тренер. Борис го сметам за близок и некој што многу придонел за моите успеси. Навистина срцето ми е скршено, тажен сум за тоа што му се случи. Се надевам дека ќе го преброди овој период и дека кога ќе излезе од затвор, ќе може нормално да продолжи со својот живот“ – рече Ѓоковиќ.