Сари се жали: Челзи е во очајна ситуација

Челзи денеска минимално со 1:0 го победи Кристал Палас и со тоа се зацврсти на четвртото место на табелата во Премиер лигата. Лондончани освоија три бода, но загубија уште еден играч. Напаѓачот Оливие Жиру, поради повреда, мораше предвреме да ја напушти играта. На негово место во игра влезе Алваро Мората.

Тренерот на Челзи, Маурисио Сари потврди дека Жиру има повреда на зглобот на ногата и засега не се знае колку точно ќе паузира.

„Се работи за повреда на зглобот на ногата и уште не знаеме колку е сериозна. Ќе почекаме до утре за да ги имаме прецизните резултати“, обасни Сари.

На последните неколку меча Челзи речиси постојано има некој повреден играч. Пред овој меч, на дуелот против Ватфорд кој се играше на „Боксинг деј“, се повреди напаѓачот Педро и тој ќе паузира во следните две недели. На листата на повредени од претходно се и Дани Дринквотер, Сеск Фабрегас, Рубен Лофтис-Чик.

Во декември, Челзи одигра девет средби, а во јануари го очекуваат уште седум тешки средби, меѓу кои е и двата дуели против Тотенхем во Лига Купот.

„Во последните неколку денови немавме среќа. Вчера за 10 минути ни се повредија тројца играчи, Фабрегас, Лофтис-Чик и Дринквотер. Денеска се повреди и Жиру, а од претходно го имаме загубено и Педро. Ова е очајна ситуација за нас, бидејќи во јануари ќе треба да играме на секои три дена“, објасни Сари.

- Оглас -

Најнови вести