Кошарката во 2018: Година на чудото Лука Дончиќ!

Ретроспективата на кошаркарската 2018 година не може да не мине во знакот на Словенецот Лука Дончиќ, кој само на 19 години го воодушевува светот и нема љубител на спортот со портокаловата топка кој нема да каже само заслужени пофалби за ова момче, кое не може да не го сакате.

Уште во септември 2017, на Евробаскетот кога Словенија стана европски првак, се виде дека Дончиќ е играч за кој „само небото е граница“. Со клубот Реал Мадрид, Лука во минатата сезона освои сè, а ги освои и наградите за најкорисен играч и во Евролигата и на фајнал форот на Евролигата и во шпанската лига.

Талентираното момче само на 19 години освои сè во Европа, па логично беше што одлучи да се пријави на НБА-драфтот и следниот чекор да му биде најсилната лига. Ако некој имаше дилеми дали тој може да се снајде во НБА, одговорот е брзо даден. Дончиќ во дресот на Далас маверикс од меч во меч игра сè подобро, поставува лични рекорди, а веќе го споредуваат и со Леброн Џејмс, Меџик Џонсон и Мајкл Џордан, како еден од најдобрите дебитанти што некогаш се појавиле.

Шпанските медиуми напишаа дека Дончиќ е како Халеевата комета, која се појавува на секои 75 години. И навистина, играч како Лука се раѓа многу ретко. Не се памети некој со 18-19 години да игра толку бестрашно, зрело и квалитетно, а да остане скромен и на земја, без да ја загуби главата од преголема слава или пари.

ВОРИОРС СО „МЕТЛА“ ДО ТРЕТА ТИТУЛА ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ

Во НБА-лигата, титулата за 2018 година ја освои Голден стејт вориорс, тим кој има три шампионски прстени за четири години. Вориорс во финалето го прегазија Кливленд кавалирс со 4-0 (прва „метла“ во големо финале по 11 години), а повеќе се мачеа во финалето на Западот, кога играа седум меча во серијата против Хјустон. Кевин Дурант, Стеф Кари и останатите „воини“ и оваа сезона се главни кандидати, иако конкуренцијата на Западот им е дополнително засилена со ЛА лејкерс, кој го направи трансферот на деценијата со привлекувањето на Леброн Џејмс.

МАКЕДОНИЈА НА ЧЕКОР ОД ВРАЌАЊЕ ВО ЕВРОПСКАТА ЕЛИТА

Крајот на февруари 2019 година за македонскиот машки национален тим треба да го потврди она што беше сработено од избраниците на Јорданчо Давитков, пласман во квалификациите за ЕП 2021, во кои ќе играат најдобрите 32 тима во Европа. Откако во летото 2017 го допревме дното, преку две рунди на претквалификации, сега сме во позиција од ноември повторно да се натпреваруваме со најдобрите.

Женскиот тим не се прослави, убедливо ги загуби сите натпревари, но по паузата од неколку години, добро е што видовме до каде сме во однос на останатите, иако селекторот Марјан Лазовски на ниту еден меч го немаше комплетниот тим на располагање.

РАБОТНИЧКИ ПРВАК ПО 15-ТИ ПАТ, МЗТ ГО „ЛАПНА“ КУПОТ, НО ОСТАНА БЕЗ ГЛАВНАТА АБА-ЛИГА

По девет години пауза, Работнички се врати на тронот во македонската клупска кошарка и освои титула по 15-ти пат. Заврши серијата на ривалскиот МЗТ од шест титули по ред. Повторно се пееше шампионска песна во „Градски парк“, се славеше трофејниот тренер Марин Докузовски, но, за жал, Работнички е можеби и единствениот шампион на европска држава кој не учествува во ниту едно меѓународно натпреварување.

На Аеродромци им остана сеќавањето на сласта од освоениот Куп во Кавадарци, но за МЗТ оваа година беше неуспешна бидејќи испадна од АБА-лигата и сега е во второлигашкото јадранско друштво.

Во АБА 2 во минатата сезона играше АВ Охрид, но имаше епизодна улога и испадна оттаму. Од настапите на меѓународна сцена, Блокотехна стигна до фајнал форот на БИБЛ, но загуби во полуфиналето.

ПЕТАР НАУМОСКИ ОСТАНА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МКФ

Првиот човек на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, ја „преживеа“ интерпелацијата на Вонредното собрание на МКФ. Во февруари се чинеше дека условите се созреани Наумоски да биде разрешен, но со серија „дриблинзи“, некогашниот плејмејкер повторно извојува тесна победа. Губитник беше Владо Илиевски, кој се надеваше дека ќе го наследи Пеце, а ако паднеше Наумоски, и тогаш на Изборното собрание Илиевски веројатно немаше да биде единствен кандидат.

Сепак, на еден или друг начин, Наумоски го собра потребниот број гласови за да остане на чело на Федерацијата. По тоа Собрание, дојде до стабилизација и Пеце не е загрозен, барем не до крајот на април 2019, кога му истекува мандатот.

- Оглас -

Најнови вести