Франција завладеа со светот, Реал остана на врвот, Модриќ ги засени Меси и Роналдо

Малку кој очекуваше дека Реал Мадрид ќе може да ги одбрани европската и светската титула, но речиси сигурно никој не можеше да предвиди дека „кралевите“ ќе останат на врвот три години во низа. Едни од најубавите моменти од меѓународниот фудбал за 2018 година му припаднаа токму на гигантот од „Сантијаго Бернабеу“.

Не доминираше само Реал Мадрид, туку и нивниот маестро Лука Модриќ. Хрватот направи „чистка“ собирајќи ги сите индивидуални награди годинава, меѓу кои е и најпрестижната – Златната топка, која дочека по 10 години да ја држи некој друг, не само Роналдо и Меси.

Оваа година најмногу ќе ја паметат Французите – „Триколорите“ со Дешамп на чело ја освоиjа втората светска титула во нивната историја, точно 20 години откако за првпат го кренаа трофејот на „Жил Риме“.

НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА МУ ПАРИРА НА „КРАЛОТ“

Токму така, никој не може да му парира на Реал Мадрид и тешко дека некој ќе ги стигне по бројот на титули во Лигата на шампионите. „Кралевите“ трети пат во низа го подигнаа пехарот кој им носи статус „газди во Европа“, што беше нивен вкупно 13-ти во историјата. Се чекаше 28 години за еден клуб да успее да ја одбрани титулата, а Реал тоа го направи два пати по ред.

Многу фактори беа клучни за да се оствари невозможното. Зинедин Зидан стана „доктор“ по елиминациски мечеви, како и финални пресметки. Нападот предводен од еден од најдобрите кои некогаш го играле овој спорт, Кристијано Роналдо, средината командувана од Модриќ и Крос, додека Серхио Рамос го држеше одбранбениот ѕид и сите со една помисла влегуваа во секој меч – никој не е подобар од нив. Таков победнички менталитет им вметна „Зизу“, а тие навистина докажаа дека нема никој подобар од нив.

Не само Лигата на шампионите, Реал трипати во низа го освои и пехарот на Светското клупско првенство. И таму се рекордери, четири светски титули, иако при освојување на последната титула во составот недостасуваше Роналдо, како и Зидан на клупата. Три од три за малку ќе беше и во Суперкупот на УЕФА, но градскиот ривал Атлетико Мадрид со почетокот на сезоната 2018/19 им го украде тој трофеј на „кралевите“.

СВЕТОТ ОБОЕН ВО ТРИ БОИ: СИНА, БЕЛА И ЦРВЕНА  VIVE LA FRANCE

Среќата им се насмевна на Французите 20 години подоцна, откако прв пат го освоија светскиот пехар. Се роди една генерација полна со ѕвезди и идни главни фаци во фудбалот, па Дидие Дешамп ги собра на едно место. Собирот беше во Русија, а таму „триколорите“ играа и се бореа цел месец, за повторно во рацете да го имаат „Жил Риме“, или некогашната „Викторија“. Тим во кој се Антоан Гриезман, Пол Погба, Н’голо Канте, Килијан Мбапе, не може, а да не се смета за фаворит. Па така, и француската селекција го оправда тој епитет, a до самиот врв покосуваа гиганти, како Аргентина, Уругвај, Белгија, за на крајот да се пресметаат со импресивните „коцкести“.

Малку внимание треба да се посвети и на вицепрвакот. Балканска земја е вицешампион на светот – не е мала работа. Никој, ама буквално никој не очекуваше дека Хрватска ќе може да стигне да се бори за самиот трофеј. Никој, освен самите тие. Со диригентот Лука Модриќ, Хрватска сакаше да се мери и надигрува со најдобрите, па покажаа дека се фудбалски мајстори од почеток до самиот крај на Мундијалот. Патот до финалето воопшто не им беше лесен. Данска победена на пенали, Русија – на пенали, во полуфинале против Англија се радуваа по 120 минути игра. Исцрпупвачко и макотрпно беше нивното патешествие, но трудот на крајот се исплатеше. Ниту против Франција не се предадоа, во најмала рака ги натераа „триколорите“ до последна капка пот да се борат.

Од овој Мундијал започна и доминацијата на Лука Модриќ, кој беше избран за најдобар играч на првенството во Русија, додека Килијан Мбапе доби одличје за најдобар млад фудбалер.

КОНЕЧНО НЕКОЈ СЕ НАЈДЕ ДА ГИ ТРГНЕ МЕСИ И РОНАЛДО ОД ПРЕСТОЛОТ – ЛУКА МОДРИЌ, НАЈДОБРИОТ ФУДБАЛЕР ЗА 2018 ГОДИНА

Се прашуваа фудбалските фанови, до кога ќе ги гледаме Меси и Роналдо како ја освојуваат Златната топка? Одговорот е додека не се налути Лука Модриќ. Маестро, диригент, доктор, се само дел од прекарите кои ги доби Хрватот во изминатава година. Од претходно наведените одбележја, во сите главен актер е Модриќ.

Експертите конечно сфатија дека не е сѐ до давање голови, туку има и убавина во разигрувањето и придонесувањет на истите тие погодоци. Токму тие работи му ја донесоа Златната топка на Модриќ, прва во неговата кариера. Една деценија Меси и Роналдо ги менуваа местата, многумина се обидуваа да ги тргнат од престолот, а му успеа само на Лука.

Модриќ претходно ги собра наградите за најдобар фудбалер од страна на УЕФА, ФИФА, како и на Мундијалот во Русија. Му недостасуваше најпрестижната, па и таа си ја зеде.

НЕМА ПОДОБАР ГОЛГЕТЕР ОД ЛИОНЕЛ МЕСИ ВО 2018 

Од првиот, па сѐ до последниот месец од 2018 година, Лео Меси реализираше 51 погодок за Барселона и Аргентина. Петкратниот освојувач на Златната топка покажа зошто е најдобар во неколку наврати, Барса на негов товар постигнуваше успех, а тој во ниту еден момент не се засити од тресење мрежи. Со 51 гол, Меси е пред Кристијано Роналдо, кој како играч на Реал Мадрид и Јувентус, но и на Португалија, годинава застана на 49 гола.

За сезоната 2017/18, Меси ја доби Златната копачка, петта во неговата богата кариера. Тоа беше сезона во која постигна 34 погодоци, два повеќе од Мохамед Салах. Тој придонес на Каталонците им обезбеди да стигнат до двојната круна во Шпанија, а оваа сезона Меси им вети на навивачите дека ќе го врати трофејот од ЛШ на „Камп ноу“, па засега е на добар пат да го направи тоа.

Возбудувања имаше многу во 2018 година, останува да почекаме и да се надеваме дека и Новата година ќе донесе слични фудбалски волшебства и воздишки.

- Оглас -

Најнови вести