Напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски, во разговор со „Sport Bild“ истакна дека клубот мора да доведе врвни фудбалери со цел да го одржи нивото на квалитет во составот. Веќе е најавено дека Рибери и Робен ќе си заминат по крајот на оваа сезона, на нивните договори им се ближи крајот, а „баварците“ имаат мисија да најдат адекватни замени.
Изминатиов период се шпекулира дека младиот фудбалер на Челзи, Калум Хадсон-Одои би можело да биде новата аквизиција на Баерн, но „сините“ засега немаат намера да се откажат од талентираното крило кое доаѓа од нивната фудбалска школа.
Сепак, ѕвездата на „баварците“ смета дека раководството треба да се обиде да доведе позвучни имиња, односно докажани фудбалери, наместо да вложуваат во млади играчи.
„Мислам дека поголема корист ќе имаме ако во составот дојдат еден или двајца нови врвни играчи отколку да се експериментира со пет или повеќе фудбалери кои засега се само добри и недокажани. Ако мајстор како Робен си замине од клубот, тогаш на негово место мора да дојде некој кој е на исто ниво. Ни требаат играчи кои ќе не направат подобри, кои можат да направат разлика на теренот“, вели Левандовски.