Првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели, на „Фејсбук“ порача „Еден за сите, сите за еден!“, а ова го напиша поткрепено со фотографија на која неколку фудбалери на Јуве го тешат Кристијано Роналдо по добиениот црвен картон на гостувањето кај Валенсија.
За многумина, ова исклучување беше престрого и непотребно, а самиот Роналдо не можеше да ги задржи солзите во своите очи, бидејќи првата помисла му беше дека ќе добие казна барем од два меча и нема да може да игра на „Олд Трафорд“, каде што „старата дама“ треба да гостува во третото коло.
Роналдо при заминувањето од теренот, на судијата Феликс Брих му велеше дека не направил ништо. Претходно, клупските колеги му помагаа да стане на нозе. Тој момент го трогна претседателот Ањели, па на социјалните мрежи побара да продолжи таквиот тимски дух во екипата.