Поранешниот фудбалер на Ајакс, Лудогорец и Твенти, Џоди Лукоки, пред 10-тина дена беше пронајден мртов по првично нејасни околности. Лукоки имаше само 29 години, беше дел од младинската школа на Арсенал, а со голем успех настапуваше во бугарскиот Лудогорец, каде што освои четири титули во тамошното првенство.
Според најновите пишувања на дел од холандските медиуми, еден ММА борец може да е вмешан во убиство на Лукоки. Се работи за извесен Виктор К., со кого Џоди имал конфликт пред еден ноќен клуб. Адвокатот на овој ММА борец даде изјава дека Виктор сакал да ја смири расправијата меѓу Џоди и дел од неговото семејство пред ноќниот клуб.
„Мојот клиент бил во ноќниот клуб кога слушнал како надвор се расправаат. Излегол и им поделил неколку шлаканици за да може да ги смири и да почне да се однесуваат нормално“, вели адвокатот Јан Хејн Кујперс.
Од полицијата не коментираат дали овој инцидент има поврзаност со смртта на Лукоки.
„Потребно е да се сослушаат уште многу сведоци, а потоа Обвинителството ќе донесе одлука“, се вели во соопштението од полицијата.
Интересно е дека ММА борецот, кој има 25 години, и претходно бил апсен, и тоа во случај на убиството на 43-годишниот Естер Пол, но поради немање доволно докази, тогаш бил ослободен од обвинението.
Лукоки беше роден во ДР Конго, но како дете избегал во Холандија, а првите фудбалски чекори ги направил во Ајакс. Освен за Ајакс, има играно за Камбур, Цволе, Малатијаспор, Твенте и бугарскиот Лудогорец.