Тотенхем беше единствениот тим во Премиер лигата кој пред почетокот на сезоната не доведе ниту еден играч. Челниците на клубот веруваа дека имаат добро воигран тим, а тоа се покажа како точно во досегашниот дел од сезоната. Тотенхем, заедно со Ливерпул и Манчестер сити е во трка за титулата.
Еден од оние кои се предводници на екипата на Тотенхем е Кристијан Ериксен. Данскиот репрезентативец дава голови, асистира, создава шанси. Едноставно, тој е „моторот“ на екипата. Тотенхем веќе одреден период се обидува да му го продолжи договорот на Ериксен, но тој уште го нема ставено потписот на новиот договор.
Ериксен моментно заработува по 70.000 фунти неделно, а сега понудата е платата да му биде зголемена двојно. Офанзивниот играч веќе пет и пол години е во Тотенхем. Дојде од Ајакс за сума од 12 милиони евра. Според најавите, за него сега се интересираат двата најголеми шпански клубови, Реал Мадрид и Барселона, па Тотенхем ќе има големи проблеми да го задржи. Неговиот актуелен договор е до 2020 година.