Барселона утре на „Камп Ноу“ игра против Вилјареал во последниот меч за оваа сезона во шпанското првенство. Дуелот против Жолтата подморница нема поголемо значење за каталонскиот гигант, затоа што Барселона е сигурно втора.
Чави Ернандес кој седна на тренерската клупа во текот на сезоната, откри дека дуелот против Вилјареал може да биде последен за неколку играчи, а еден од нив е големата ѕвезда Усман Дембеле.
„Можно е да му е ова последен меч на Дембеле. Ист е случајот со уште неколку фудбалери. Сепак, можно е да се обнови договорот. Тој е битен играч, ми се допаѓа и оптимист сум дека може да го продолжи договорот“, вели Чави, кој додаде дека би сакал во тимот да остане и Френки де Јонг.
Освен од играчите со кои веќе соработува, тренерот на Барселона имаше и коментар околу евентуалното доаѓање на Роберт Левандовски на Камп Ноу.
„Да, Левандовски е една од опциите да дојде во екипата. Не можевме да си дозволиме да ги купиме Мбапе или Халанд, иако тоа го сакавме. Сепак, мора да гледаме напред и ќе се обидеме да ги доведеме фудбалерите кои треба да донесат напредок во играта“, додаде Чави.