Македонската ракометна репрезентација денеска ги доби новите дресови со кои ќе игра на претстојното Светско првенство во Германија и Данска. Промоцијата на дресот беше под мотото „Нови дресови, нови победи“. На промоцијата присуствуваа капитенот Кирил Лазаров, како и селекторот Раул Гонзалез, а воедно објаснија како течат досегашните подготовки за Мундијалот.
Македонија е во група заедно со Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд, а само најдобрите три селекции ќе продолжат во главната рунда. Селекторот Раул е задоволен од досега сработеното.
„Задоволен сум од текот на подготовките. Работиме напорно, но оценката за тоа до каде сме ќе ја дадеме по контролните мечеви со Србија, кои ги играме утре и задутре. На Мундијалот ќе имаме многу тешки мечеви, бидејќи сите селекции се квалитетни. Ќе одиме чекор по чекор и ќе видиме како ќе биде. Јапонија е нашиот прв противник и мора целосно да се фокусираме на тој меч“, рече селекторот Раул.
Капитенот Лазаров уште еднаш потенцираше на осцилациите кои се јавуваат во играта и дека тоа е нормално бидејќи во составот има многу млади играчи кои допрва треба да се докажат.
„Неблагодарно е да се прогнозира за тоа што ќе направиме. Јас ветувам дека ќе одиграме најдобро што можеме, ќе го дадеме максимумот, а потоа ќе видиме тоа за каков пласман ќе биде доволно. Мора да продолжиме да работиме и да се подготвуваме од меч за меч. Првиот предизвик е дуелот со Јапонија. Не сме го заборавиле оној дуел со Грција. По тој пораз, сега и Јапонија за нас делува како да е светски првак“, рече Лазаров.