Италијанските фудбалски клубови 12 години немаат освоено европски трофеј, последен клуб на кој му појде тоа од рака беше Интер во 2010 кога ја освои Лигата на шампионите.
Вечерва во Тирана, Рома игра финале во Конференциската лига, и тоа е шанса Италијанците после повеќе од една деценија да се израдуваат. Интер од 2010 и Рома од 2022 имаат една заедничка работа, а тоа е тренерот Жозе Мурињо.
Специјалниот го однесе Интер на европскиот престол пред 12 години, а после серија разочарувања и неуспеси изминативе години, пак дојде редот од Мурињо да се чека да му донесе трофеј на италијанскиот клупски фудбал.
Рома 31 година не играла европско финале, а има само еден меѓународен трофеј, и тоа од Купот на саемските градови во далечната 1961 година. Можеби Конференциската лига како трета по квалитет не е толку важна, но ако победи Рома, тоа за клубот ќе биде историски подвиг и чекор напред за италијанскиот фудбал.