Атлетската федерација на Македонија во недела (23-ти септември) попладне ќе има чест да биде домаќин на лорд Себастијан Коу, кој е актуелен претседател на Светската атлетска федерација, ИААФ.
За време на кусиот престој во нашиот главен град, Коу ќе има средби со претставниците на АФМ, предводени од претседателот Крсте Серафимовски, а според најавите, планирани се и средби со високи личности од политичкиот живот, како и со првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Главна причина за доаѓањето на Коу е прославата на 70-годишнината од основањето на Атлетската федерација на Македонија. По тој повод, во недела вечерта ќе се одржи свечена седница, на која ќе присуствува легендарниот Коу. Претходно, тој ќе одржи прес-конференција.
Британецот, кој сега има 61 година, на Олимписките игри во 1980 и 1984 освои златен медал на трката на 1.500 метри, а на тие ОИ беше втор на 800 метри.