Одбојкарите ги задржаа теоретските шанси за место на ЕП

Победата на Естонија над Летонија од 3:0, ги задржа теоретските шанси на машката репрезентација на Македонија во трката за место на Европското првенство во септември. Иако после поразот од Украина, шансите на „црвено-жолтите“ да влезат меѓу 24-те најдобри во Европа се минимални, и ќе ни треба огромна доза на среќа, сепак математички, уште сме во игра.

Расплетот ќе се случи в среда, за кога се закажани клучните мечеви од квалификациите. За да игра Македонија на ЕП како една од петте најдобри второпласирани во седумте групи, потребни се три услови во среда.

Прво, Македонија во Скопје мора да ја совлада Унгарија со 3:0 во сетови. Второ, Летонија да го надигра Израел, и трето, Шведска да го победи Азербејџан. Летонија и Шведска немаат шанса да бидат втори во своите групи, и прашање е колку ќе бидат мотивирани да победат в среда.

Надежта последна умира, е паролата во која ќе се крстат македонските одбојкари. Вечерва ја избегнавме првата „нагазна мина“, ни помогнаа Естонците, но патот до ЕП е премногу компликуван и полн со пречки.

- Оглас -

Најнови вести