Вардар 1961 нема да биде дел од европската елита во новата сезона откако ЕХФ го исфрли двократниот континентален шампион поради финансиски проблеми.
Околу тој случај, претседателот Михајло Михајловски денес одржа вонредна прес-конференција на која ги разјасни работите.
„Првично да истакнам голема почит кон Сергеј Самсоненко, во неговите пет години водење на Вардар, двапати се освои европската круна. Од лични причини го напушти клубот, а јас како долгогодишен спонзор и заљубеник во овој спорт се вратив со цел да го спасиме Вардар. Знаевме која е целта на екипата, да се биде меѓу топ 16 во Европа, да доминираме на домашната сцена, како и да се бориме за пехар во СЕХА-лигата.
Сите цели ги реализиравме, играчите кои беа достапни ги обезбедивме. Ова го направивме во согласност и договор со највисоки владини и градски институции, да не се договоревме, немаше да сам да се борам. Знам колку средства се потребни за да се реализира сè, не може да се работи само од спонзорства. Разбирам дека влетавме во лош период, прво пандемија, па енергетска криза, на крајот и војната во Украина. Имам делумно оправдување за тие што ми ветуваа дека ќе останат покрај мене, но не добив никаква помош – НУЛА. Очекував барем 50% помош, мислев луѓето ќе бидат доследни на тоа. Би сакал да им се заблагодарам на спонзорите кои стоеја зад нас“, истакна Михајловски на прес-конференцијата.