Ајакс одреди огромна сума од 81 милион евра како отштета за одличното крило од Бразил, Ентони Матеус дос Сантос, што го пишмани англискиот гигант Манчестер јунајтед воопшто и да ги продолжи преговорите за 22-годишниот фудбалер.
Новиот менаџер на Црвените ѓаволи, Ерик тен Хаг, кој пристигна на кормилото на Манчестер јунајтед токму од Ајакс, одлично ги познава квалитетите на Ентони и инсистира тој да биде купен во овој преоден рок, но сумата е превисока.
Манчестер јунајтед ќе се обиде да ја намали цената за Бразилецот што ја бара Ајакс, но холандските медиуми објавуваат дека популарните Копјаници нема да отстапат од побарувањето да се плати 81 милион евра како отштета за евентуален трансфер во редовите на англискиот гигант.
Тен Хаг му беше тренер на Ентони во последните две сезони во Ајакс, во кои Бразилецот беше стандарден член на првата постава и одигра 79 натпревари со 23 постигнати гола.