Баерн се заљуби во Хадсон – Одои: 10-ката на Робен спремна за Англичанецот

Баерн Минхен ги користи сите „оружја“ да го придобие талентираниот фудбалер на Челзи, Калум Хадсон – Одои. Осумнаесетгодишниот англиски офанзивец е прва цел на „баварците“ за зимскиот преоден рок, а „сините“ од Лондон досега одбија две понуди за него во вредност од 20, односно 30 милиони фунти.

Сега германскиот првак има нов план, да го примами Хадсон – Одои нудејќи му го бројот 10, односно бројот кој го носи Арјен Робен, а ќе биде слободен по крајот на оваа сезона. Искусниот Холанѓанец по една деценија ќе си замине од „Алијанц арена“, а Баерн во младиот Англичанец гледа како идеална, но пред сѐ долгорочна замена за Робен. Најавена е и подобрена понуда, Баерн се надева дека 40 милиони фунти ќе бидат доволни за челниците на Челзи да попуштат.

Хадсон – Одои импресионираше на последниот настап за „сините“. Асистираше при двата погодоци на Мората во победата од 2-0 над Нотингем форест во ФА купот, покажа дриблерски способности и одлично разбирање на играта и покрај тоа што нема многу искуство во сениорскиот фудбал, па јасно е зошто од таборот на Баерн се толку загреани за него.

 

- Оглас -

Најнови вести