Јувентус ќе му дозволи на Пауло Дибала да облече дрес на друг клуб доколку некој понуди повеќе од 100 милиони евра. Манчестер сити, Баерн Минхен и ПСЖ се интересираат за неговите услуги, но ќе мора да ги испразнат своите каси за да го придобијат Аргентинецот.
Според торинскиот медиум „Тутоспорт“, Јувентус ги ингорираше првите понуди за Дибала бидејќи сите биле под сумата која ја бара „старата дама“.
За разлика од изминатите неколку сезони, Дибала е далеку под потребното ниво барем кога станува збор за постигнување голови. Офанзивецот по првиот дел од сезоната во Серија А постигна само два погодока, а врз неговата голгетерска форма има влијание доаѓањето на Кристијано Роналдо, кој за разлика од Дибала, редовно ги тресе мрежите и е прв стрелец во италијанскиот шампионат со 14 погодоци.
Токму затоа Јувентус ќе му дозволи да си замине бидејќи Дибала повеќе не е неопходен за Алегри, иако му беше предвидена долга кариера во Торино. Во 2015 година Дибала беше доведен како големо засилување од Палермо за сума од 40 милиони евра. Досега настапил на 162 меча во сите натпреварувања, постигнувајќи 75 погодоци и 28 асистенции.