Анхел ди Марија во следната сезона ќе го носи дресот на Јувентус. Аргентинецот дојде во Торино како слободен играч откако му заврши договорот со Пари Сен Жермен. Ди Марија никогаш претходно нема играно во Серија А, а верува дека Старата дама е вистинскиот клуб за него.
„За мене ова е една нова етапа од кариерата. Многу сум среќен што сум тука. Од првиот ден кога кажав „да“, видов дека сите во клубот се како едно семејство. Во текот на целото време гледаат ништо да не ти недостасува. Во сите земји во кои сум играл, сум бил дел од најдобрите клубови, а Италија ми фалеше во списокот. Тука најдобар клуб е Јувентус. Тоа е најтрофејниот клуб и имав голема желба да заиграм тука. Знам дека Јувентус минатата сезона не успеа да го освои ниту Скудетото ниту Купот, но тоа ќе биде мотивација повеќе за во новата сезона. Дојдов тука за да бидам уште подобар, за да продолжам да делам асистенции, да давам голови и да освојувам титули“, рече Ди Марија кој во европската кариера има играно за Бенфика, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и Пари Сен Жермен.
Аргентинецот ќе го носи дресот со бројот 22. Вели дека тоа е дресот што го носел во Реал кога се радувал на титулата во Лигата на шампиони, на 22-ри е родена неговата најстара ќерка, а плус тој број бил слободен во Јувентус.