Најтрофејните англиски клубови, Манчестер јунајтед и Ливерпул, денеска од 15 часот пред веројатно преполни трибини на стадионот во тајландската престолнина Бангкок, ќе одиграат еден контролен натпревар во рамките на азиската турнеја.
Бидејќи ова се ривалски клубови, јасно е дека средбата нема да биде само од ревијален карактер. Мечот ќе биде прва проверка за двата тима летово, но во овој пријателски дуел, тешко дека ќе има нешто пријателско, желбата за победа ќе биде голема.
Во последните години, Ливерпул е посилен и има подобри резултати од Јунајтед, па затоа и според квотите, предност им се дава на Црвените од „Енфилд“. За клубот од „Олд Трафорд“, деби на клупата ќе има Ерик Тен Хаг, но во составот го нема Кристијано Роналдо, а ново име е само левиот бек Маласија.
Ливерпул остана без Садио Мане, но го привлече Дарвин Нуњес, а договорот го продолжи Мохамед Салах.