Ливерпул цели 19 години немаше примено четири гола во дуел со најголемиот англиски ривал Манчестер јунајтед, а тоа се случи денеска во Бангкок. Во пријателски меч, Манчестер јунајтед убедливо со 4:0 го победи Ливерпул, а по дуелот, тренерот на Црвените од „Енфилд Роуд“, Јирген Клоп ги нападна челниците на ФИФА и УЕФА.
„Треба да се обезбеди доволно време за одмор на фудбалерите. Сега имаме пет измени и тоа се одлични вести, но ФИФА и УЕФА мора да бидат многу внимателни со тоа што сакаат да го направат. Ако сакаат да има квалитетни турнири мора да имаат одморени фудбалери, а вака со заморени играчи нема шанси да има квалитетни мечеви“, рече Клоп по поразот од 4:0 на неговиот тим.
Германскиот стратег потсети и за тоа дека Светското првенство во Катар ќе се игра во ноември и декември и дека и тогаш фудбалерите ќе бидат многу истоштени.
„Мора сите добро да размислат. Има само една седмица меѓу финалето на Мундијалот и Боксинг деј. Што ако Англија стане светски првак, а седум дена потоа треба да се игра фудбал за Боксинг деј и сите ќе очекуваат фудбалерите да бидат подготвени. Ова никогаш е се случило во историјата на фудбалот, но за оваа генерација тоа станува нешто нормално“, вели Клоп, кој на пријателскиот дуел против Манчестер смени три постави, односно менуваше по 10 играчи во 30 минута, а потоа и во 60 минута.