Уругвајскиот напаѓач Дарвин Нуњес стана најскап фудбалер во историјата на Ливерпул откако за сума од 100 милиони евра направи трансфер од Бенфика. Нуњес имаше фантастична сезона во Бенфика и во 44 меча постигна 34 погодоци, што беше знак за големите клубови да „загризаат“ за 23-годишниот напаѓач.
Неодамна се откриени неколку „WhatsApp“ пораки според кој претседателот на Бенфика Руи Коста очекувал дека за Нуњес ќе добие понуда од 45 милиони евра, но тогаш Ливерпул пратил понуда од 80 милиони евра. Кога ја видел оваа порака, Руи Коста решил да бара уште повеќе пари за напаѓачот.
„Кога дознавме дека Ливерпул се интересира за Нуњес мислев дека понудата ќе биде меѓу 40-45 милиони евра, затоа што имаше одлична сезона. Следниот ден по факс примивме понуда од 80 милиони евра, плус бонуси. Сите почнавме да се смееме и му реков на помошникот да им даде одговор во кој ќе стои дека бараме 100 милиони евра, плус бонуси. Следниот ден стигна понуда од 100 милиони евра и желбата ни беше исполнета. Светот полудел, а замислете, ние во Академијата имаме играчи кои се подобри од Нуњес. Му реков на помошникот да отвори шампањ затоа што сме добиле џекпот“, открива Руи Коста.
Нуњес имаше слаб старт во дресот на Ливерпул и првите два меча во новиот клуб му се памтат по киксевите што ги направи.