Седло е магнет за публика на „Максимир“, Шкупи има нов прекар по ремито со Динамо (Фото)

Гоце Седлоски мајсторски го водеше Шкупи до големо реми 2:2 против Динамо Загреб на „Максимир“, каде што доби аплаузи на отворена сцена од навивачите на клубот за кој играше во минатото.

И интересно е дека со два тима, Вардар и Шкупи, кои ги водеше против Динамо на гости, во прв меч за Модрите во квалификациско коло за Лигата на шампионите е во топ-3 според посетата на публиката.

Рекорд за Динамо е 13.734 продадени билети за мечот со Фола Еш на стартот од квалификациите за ЛШ во 2013 година.

На второ место е дуелот со Вардар на „Максимир“ во 2016 година, кога исто така во премиерен квалификациски меч за Динамо за настап во ЛШ имаше 10.241 гледачи со платени билети, а тренер на Вардар тогаш беше Седлоски.

Вечерва имаше 9.320 луѓе на трибините на „Максимир“, што е трет по бројност меч за Динамо на старт на квалификациски циклус за ЛШ, а повтоно популарниот Седло, овојпат со Шкупи им беше ривал.

Интересно е што и двата гола на Шкупи беа постигнати со лоб удари, а погодија Бразилецот Кевен во 26-тата минута и интернационалецот од Јамајка, Цефас во 89-тата минута, па во дел од хрватските медиуми македонскиот првак доби нов прекар, „Лоб Шкупи“.

Реваншот ќе се игра на 26 јули во Скопје од 21 часот, а победникот од овој двомеч ќе игра со Лудогорец или Шемрок во третото квалификациско коло.

Бугарскиот тим вечерва во Разград победи со 3:0 и е многу поблиску до двомеч со Шкупи или Динамо.

 

- Оглас -

Најнови вести